• Историја
Секој град има раѓање, постоење, име, луѓе, пејсаж, симбол, сегашнина и иднина.
Секој народ го бележи својот пат низ летописот на поколенијата – да се создава светот од денес за во иднина и да ја печати опстојбата до вчера . Само така се негува вековната традиција , духот како огледало на културното живеење.
Ако може да се поттикне добриот патник намерник да го посети домот на гостопримството , тогаш тоа сигурно ќе го стори топлината на градот, градот на најјужната точка во Република Македонија , крај самата граница со Република Грција , градот на срдечноста – ГЕВГЕЛИЈА.
Топлиот дух на гевгеличани се уште ја памети легендата за еден дервиш кој дошол и не сакал да си оди од Гевгелија бидејќи многу му се допаѓало местото . Жителите не сакале да го примат и решиле насила да го прогонат . Резлутен од тоа , дервишот почнал луто да ги проколнува жителите кои се исплашиле и го повикале назад со зборовите гел – гери што значи ела назад . Иако легенда , гевгеличани не сакаат да ја прекршат заклетвата на предците – секогаш да бидат добродојдени оние што одлучуваат да ги задомат своите идеи во градот , оние што се подготвени за нови предизвици , за нови доживувања.
Старите хроники бележат дека Гевгелија како град почнала да се развива уште од средината на 19 ти век , кога населението од овие краеви ја почуствувало потребата да создава современа населба која ќе им пркоси на минувачите – трговци и ќе биде домаќин на нивните патувања кон Блискиот Исток со многубројни анови . Во тој временски период , реката Вардар иако пловна , не можела да го задоволи транспортот на стоки , па во 1873 година доаѓа до изградба на железничката линија Солун – Скопје.
Вистински градски лик Гевгелија добива во 1886 година , кога во административно – управен поглед станала средиште на посебна каза – Гевгелиска.
Од овој временски период многу земјоделски производи успевале тука , благодарејќи на поволната клима и плодното земјиште и се извезувале преку солунското пристаниште . Меѓутоа стопанскиот развој на Гевгелија се претпочита во периодот од 1860 до 1912 година кога се развило мануфактурното и индустриското производство , а градот познат и како град – од станица до граница – ќе биде уште попознат со многубројните занаетчиски дуќани : чевларски , коларски , столарски , самарџиски , кројачки.
Некогаш Гевгелија бил град на незаборавните серенади , денес Гевгелија е град на сонцето , град на топлината.
• Географија
Општина Гевгелија се наоѓа во најјужниот дел од Република Македонија, на самата граница со Република Грција, на надморска височина од 64 м и на простор од 485 км2. Во општината живеат 22.988 жители, од кои околу 15.685 жители во општинскиот центар Гевгелија.
Низ територијата на општина Гевгелија минува примарната оска на развојот која се протега по Вардарската долина во правец север-југ и претставува дел од коридорот 10.
Мошне важна е и пограничната позиција на општина Гевгелија со Република Грција, како и можностите за лоцирање на стопанските капацитети, кои бараат голем транспорт на суровини и готови производи, при што близината на Солунското пристаниште претставува значајна компаративна предност.
Поволно влијание треба да има новопредвидената идна “хоризонтална” врска – од Битола преку Мариово до Гевгелија, како сообраќаен правец кој ги поврзува источните и западните делови на Република Македонија и кој воедно ги интегрира најзначајните туристички простори.
• Демографија
Бројот на жители во општина Гевгелија изнесува 22.988, што на површина од 485 км2, дава густина од 47 жители на км2, а тоа е значително помалку од густината на населеност во Република Македонија.
• Клима
Широката отвореност на Вардарската долина, а со неа и на општината Гевгелија, кон Солунската котлина преку долината на Вардар условува силно влијание на медитеранската клима во овој регион. Ова влијание посебно е изразено во котлинскиот дел до 300 м.н.в, а помалку изменето е во ридското подрачје до 600 м.н.в. Планинската клима преовладува само во највисоките делови на Кожуф планина.Вкупен број на сончеви часови во годината изнесува 2392 часа, што може да се спореди со неколку места крај Јадранското море и во Медитеранот воопшто. Просечната годишна температура во Гевгелија изнесува 14,3°С.Најстуден месец во годината е јануари со просечна температура од 3,2°С, а најтопол е јули со просечна темепретаура од 25,7°С.Просечната годишна сума на врнежи изнесува 745,2 мм3. Распоредот на врнежите не е рамномерен, најмногу ги има во есен, а најмалку во лето.Просечниот број на денови со снежни врнежи изнесува 8,3 денови.Просечната влажност на воздухот изнесува 71-72%, во зима 81-82%, а во лето се спушта до 56%. Маглите во просторот на општината се ретка појава. Просечниот број на денови со магла изнесува 16,4. Маглите се јавуваат во есенските и зимските месеци, а најизразени се во декември со 3,3 денови. Најизразени се ветровите Вардарец и Југ. Вардарецот се јавува од северен, а југ од југоисточен правец.