Следувааат спортските активности од Седмоноемвриската програма по повод Општинскиот празник. Утре (9 ноември 2024 година), од 13:00 часот, во организација на Фондација „Ице Бегов“ од Скопје и Атлетски клуб „7 Ноември“, започнува инклузивната трка “Run together”. За сите учесници што се пријавени на трката, се обезбедени маички и финишер-медали. Под мотото „Сите сме победници“, со цел да се поттикне инклузијата, солидарноста и единството во заедницата, инклузивниот маратон за лица со попреченост ќе го доживее 2. издание.
Потоа, од 13:30 часот, почнуваат детските трки во три категории- генерација 2011, 2012 и 2013, 2014-2017 и 2018 и помлади. Сите овие активности ќе започнат пред платото „Сава Михајлов“ во Гевгелија.
Во недела (10 ноември), над 2.600 учесници се очекува да трчаат на трките на 5 и 10 километри (машка и женска конкуренција), во рамки на најголемиот спортски настан во Гевгелија “November run 2024”. Со неговото 4. по ред одржување, веќе се афирмира како традиционален спортски настан, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“, кој од година во година ја надминува масовноста со учесници од државата и други странски земји. Трката започнува во 09:00 часот, пред платото „Сава Михалов“.
Вечерта, во 19:00 часот, ќе биде одржана традиционалната културно-уметничка манифестација „Фолклорен ѓердан“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Во Народниот театар- Гевгелија, ќе настапат: Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија, КУД „Отекс фолк“- Охрид, Студио „Фолклор“- Скопје“ и КУД „Паја Зариќ“-Нови Карловци, од збратимената Општина Инџија, Р. Србија.