18 СЕПТЕМВРИ: ГОСТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА СО КОНЦЕРТОТ „БАЈКА“

Септемвриската програма за „Гевгелија град на култура 2025 година“ продолжува со гостувањето на Филхармонијата на РСМ. Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, утре- 18 август 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одржан концертот „Бајка“ под диригентската палка на Ана Кондратенко, која ќе се претстави и како солист на виолина. Концертот ќе започне во 20:00 часот, а влезот е слободен.
Концертниот репертоар го сочинуваат: делата од В. Мартинов: „Come in!“ („Чукни и влези“), за виолинa и оркестар во 6 става
(28–30 мин.) и Г. Канчели: „Letters to friend’s“ („Писма до пријателите“).
Ана Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт- мајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.
Со овој концерт, љубителите на класичната музика во Гевгелија ќе имаат ретка можност да уживаат во извонредното мајсторство на Ана Кондратенко и во виртуозното изведување на членови на Филхармонијата на РСМ. Со ова гостувањето, Гевгелија уште еднаш го потврдува својот статус како сцена што ги слави врвните уметници и ја доближува класичната музика до својата публика.

All rights reserved by Municipality of Gevgelija