Фолклорниот концерт „Ѓура Мара“ ѝ пркосеше на времето, кое не се смилува неговото одржување да биде на отворено. И покрај неповолните временски услови, манифестацијата успешно се одржа во Домот на културата во Миравци, на 24 мај 2025 година, каде што продолжи вековната традиција на миравчани да ја слават љубовта, истрајноста и народниот дух, преточени низ легендата за Мара и Ѓуро.
Многубројната публика ги проследи настапите на домаќините- КУД „Танец“ од Миравци, како и на гостите на годинешното издание на „Ѓура Мара“- КУД „Негорци“ од Негорци и фолклорните друштва „Грива“ и „Крушаре“ од соседна Грција. Низ игра и песна се оживеа приказната што се пренесува од генерација на генерација, изведена со голема посветеност и емоција, како од повозрасните, така и од најмладите миравчани.
Особено задоволство за публиката претставуваше можноста, покрај богатата презентација на македонското фолклорно наследство, да се проследат и настапи со автентични традиционални игри и песни од регионот на гостите, што му даде дополнителна културна димензија на Концертот, одржан во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.
Организаторите уште еднаш потврдија дека „Ѓура Мара“ не е само обична прослава, туку жива традиција која ги обединува жителите на Миравци и околината, негувајќи го богатото културно наследство на овој крај. Со завршните звуци на народната песна и громогласниот аплауз од публиката, одржувањето на „Ѓура Мара 2025“ покажа дека љубовта кон традицијата е посилна и од времето- и дека оваа манифестација ќе продолжи да живее уште многу години, гордо пренесувајќи ги вредностите на нашето културно минато.