ГЕВГЕЛИЈА ГИ ПРОМОВИРАШЕ СВОИТЕ ТУРИСТИЧКИ ПОТЕНЦИЈАЛИ НА МЕЃУНАРОДНИОТ САЕМ ЗА ТУРИЗАМ ВО БЕЛГРАД

Општина Гевгелија со свој штанд учествуваше на годинешниот 46. Меѓународен саем за туризам во Белград, Република Србија. Прифаќајќи ја поканата на Агенцијата за промоција и развој на туризмот на Република Македонија, Општина Гевгелија на оваа престижна туристичка манифестација ги промовираше туристичките потенцијали на гевгелиското поднебје. Со самото учество, локалната самоуправа ја продолжи својата заложба за промоција и развој на туристичките потенцијали преку туристичката платформа на Општина Гевгелија “Gevgelija Tourism – Spice up the journey”.
На 46. Меѓународен саем во Белград, Општина Гевгелија заедно со Општините Дојран, Охрид и Струга, беа дел од репрезентативниот штанд со којшто се промовираа македонските туристички потенцијали. Притоа, од АППТ беше посочено дека македонскиот туристички сектор ја збогатува понудата за транзитните туристи, особено од Србија. Со единствена цел – да останат ден повеќе во државата, пред сè, поради веќе пројавениот интерес за посета на винариите во винскиот регион, во Дојран и Гевгелија, како и културните знаменитости што се наоѓаат крај автопатот Е-75.

All rights reserved by Municipality of Gevgelija